Граѓанските здруженија обединети во борбата за чист воздух и животна средина најавија нов протестен марш во Скопје за 20 декември.
Тој ќе се случи неполн месец по „Маршот за чист воздух“, што заеднички го организираа 30-ина граѓански здруженија од цела Македонија и на кој му се придружија илјадници луѓе, што го претвори во најголем еколошки протест во земјата досега. И овој протест ќе почне во 17 часот пред Министерството за животна средина и ќе финишира пред Владата.
Организаторите на таканаречениот Зелен фронт велат дека со овој протест ја потсетуваат Владата дека првиот рок за исполнување на нивните над 100 барања истекува на 31 декември.
„Остануваме на улиците за да потсетиме на нашите барања, затоа што ова е прашање на живот или смрт и не смее да се чека ниту момент повеќе“, се вели во најавата на протестот.
Зад Зелен фронт стојат над 35 граѓански здруженија и иницијативи, кои ги одбија досегашните повици за средба во Владата, иако таа по протестот од 29 ноември објави дека ги прифаќа првите седум изнесени барања.
„Го поздравуваме чекорот на Владата за прифаќање на нашите седум првични барања, но се согласуваме да има средба само откако тие ќе бидат во целост исполнети“, рекоа од „О2 иницијатива“.