По две годишна агонија, Владата најде решение за вработените од „Еурокомпозит“. Тоа предвидува од вкупно 244 работници, половина од нив да останат на улица за да опстане фабриката.
Синдикалниот лидер Роберт Богданоски вели дека се согласуваат со овој предлог. По долги преговори, за три месеци било договорено да се реши судбината на фабриката, технолошки вишок да заминат 120 вработени и сите да земат плата до понеделник. Но ако сето ова пропадне во вода, работниците најавуваат радикални протести.
Сега, синдикатот на прилепскиот загубар го прекина штрајкот и протестот пред Владата по постигнатиот договор.
До сега, велат вработените, точка на сопнување бил рокот за исплата на платата.
Од Владата се огласија дека било договорено в понеделник линеарно на вработените да им се префрлат парите.
Инаку, вработените го продолжуваат производствениот процес, а во „Еурокомпозит“ присутна е турска делегација која ги разгледува сегашните услови. За оваа посета нема детална информација од компанијата.
Инаку, вработените со недели беа на улица и блокираа регионални и магистрални патишта.