Три дена после „историскиот разговор на толку високо политичко ниво за загадувањето“ и доволно време темата да спласне во медиумите, сакаме да го објавиме нашиот став за јавноста, се вели во соопштението испратено од О2 Иницијативата.

Во продолжение интегрално ви го пренесуваме нивното соопштение.

Главната идеја на претседателот Пендаровски при ставање на темата на загадување на животната средина на Советот за безбедност била кревање на јавната свест, при тоа потенцирајќи ја на советодавната улога на ова тело. На вториот дел од седницата посветен на единствена тема: справување со загадувањето, на наше изненадување, не беа донесени заклучоци кои ќе ги забрзаат позитивните трендови и дадат насоки на делување на оние тела во државата кои носат одлуки. Нашата главна идеја е поставување на загадувањето, деградацијата и уништувањето на животната средина, заедно со ефектот на климатските промени како закана и ризик по националната безбедност.

Очекуваме во најбрз рок претседателот Пендаровски да свика седница на Советот за безбедност каде прашањево ќе се третира како закана и ризик по националната безбедност. Очекуваме да бидат повикани експерти кои најдобро го познаваат проблемот, а не политички претставници. Очекуваме експерти да ја презентираат сегашната алармантна состојба и системските слабости, на седницата да бидат изнесени информации за илегални активности во оваа област кои ги поседуваат службите, вклучително и информации кои ги поседува италијанскиот национален обвинител за борба против мафијата и тероризмот, Федерико Кафиеро Де Рахо. Да се предложи надминување на овој национален безбедносен проблем со ангажирање на сите потребни ресурси, и да се донесат заклучоци кои ќе дадат насоки на делување на државните органи кои носат одлуки и ќе ги забрзаат позитивните трендови за решавањето на проблемот со загадувањето и заштитата на животната средина. На овој начин очекуваме да се намалат жртвите од загадувањето во најкраток можен рок.

Аерозагадувањето носи 17,000 жртви во период од само 5 години и остава огромен број болни. Заштита и унапредување на животот и на здравјето на граѓаните и заштита и унапредување на животната средина се национални интереси кои треба да се одбранат. Во одбрана на своите национални интереси државата има должност да ги преземе сите мерки и да ги ангажира сите ресурси.

Впрочем, самиот претседател предизборно се обврза преку потпишаната Зелена заклетва дека,

– во доктринарните документи ова прашање да биде адресирано како прашање од највисок национален интерес и да биде третирано како една од примарните закани по националната безбедност.

– при изборот на тројцата членови во Советот за безбедност, кои се по предлог на Претседателот на државата, една од неопходните компетенции на која ќе инсистира е да има личност со еколошки бекграунд. Ќе се залага и за вклучување на експерти од оваа област како надворешни членови, кои ќе ја прикажуваат реалната опасност и ќе ги алармираат политичарите.

– ќе ги постави 16те еколошки жешки точки, кои трајно ја загадуваат животната средина и претставуваат сериозна закана и ризик по здравјето на луѓето, на Советот за безбедност како закана која мора да се елиминира во најбрз можен рок.

– ќе се залага за подобрување на легислативата, која се однесува на сегментите за спречување на загадувањето, кон усогласување со ЕУ стандардите и ќе инсистира на темелна имплементација.

– во поглед на складирање опасен отпад, не постојат пари за кои би се согласил, дозволил или замижал за таков опасен отпад да влезе во нашава држава и да нè претвори во депонија на светот.

– ќе се залага за наоѓање најсоодветно решение за зголемување на ресурсите за рециклирање на домашниот отпад.

Инаку, на вториот дел од седницата на Советот за безбедност во понеделникот, 23 декември, покрај кратките излагања на тројцата граѓански претставници, Татјана Чакулев од О2 Иницијатива, Арианит Џафери од Еко Герила и Душко Груевски од Битола сака чист воздух, излагање имаше и заменик-министерот Јани Макрадули. Потоа следеа кратки одговори од министерот за животна средина Насер Нуредини, реплики на граѓанскиот сектор, реплики и неумесни коментари на заменик-министерот Макрадули, коментари на министерот за надворешни работи Никола Димитров, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и проф. Ветон Љатифи. На седницата беа присутни и Фејзула Спахија, директор на Државниот инспекторат за животна средина, проф. Ненад Марковиќ, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, началник на Генералштабот на Армијата, Блерим Кољали, посебен советник за национална безбедност и Миле Бошњаковски, генерален секретар на кабинетот на претседателот. Премиерот Зоран Заев и министерката за одбрана Радмила Шекеринска, иако го следеле првиот дел од седницата, на темата загадување си заминалe.

До вклучувањето на граѓанскиот сектор на оваа тема, во рамки на Советот за безбедност дојде по упатеното отворено писмо до Претседателот Стево Пендаровски и по првичната, координативна средба со него на 14 ноември.