Граѓаните изминативе два месеца се соочени со недостиг од одредени лекови, меѓу кои и оние за зголемен крвен притисок и срцеви заболувања. И покрај укинувањето на квотите на лековите пропишани на рецепт и заложбата на Министерството за здравство граѓаните да имаат достапни лекови во кој било период од месецот, некои од граѓаните сепак реагираат дека ситуацијата не е многу подобрена и тие и натаму често одат од аптека во аптека, барајќи го лекот за кој добиле рецепт од матичниот лекар.
Според тврдења на граѓаните, конкретно лековите за покачен крвен притисок се појавуваат на почетокот на месецот некаде низ аптеките во земјава и потоа бргу ги снемува. Ваквата состојба се провлекува повеќе од неколку недели. За граѓаните останува нејасно зошто ги нема неопходните лекови, но и зошто претставниците на аптеките одбегнуваат разговор за проблемот што реално постои.
Дел од фармацевтите велат дека проблемот е во нерационалното трошење на лекови во аптеките, односно постојат голем број пропишани рецепти кои не можат да ги задоволат произведувачите. Оттука се поставува прашањето колкав е бројот на пациенти кои имаат потреба од овие лекови и дали како држава сме запознаени со реалната бројка за да може да се изврши соодветна набавка на истите.
Од Фондот велат дека тие се финансиска институција што купува здравствени услуги и за таа цел склучува договори со приватни здравствени установи аптеки за обезбедување на осигурените лица со лекови на рецепт од позитивната листа. Во согласност со договорите, ПЗУ-аптеките сами вршат требување лекови во согласност со потребите на осигурениците и самостојно носат одлуки кои лекови ги нарачуваат. Доколку некој лек е дефицитарен, а е на товар на Фондот, МАЛМЕД е надлежна институција за прометот на лекови.