Се борите со настинка и време е за пилешка супа. Ако баба вели дека помага, тоа мора да е точно!
Кога ќе започне кивањето и кашлањето, многумина се колнат во чинија супа или некој чај. Дали тие се навистина лек за настинка? Одговорот не е едноставен.
И покрај популарното верување, нема докази дека пилешката супа навистина помага во борбата против настинките. Лабораториските испитувања назначуваат дека можеби има некаков антивоспалителен ефект, но тоа е недоволно за научен заклучок.
Покрај тоа, не постои единствена пилешка супа – на светот нема универзален рецепт за неа и секоја е поинаква.
Но, пилешката супа без сомнежи има две предности за сите настинати. Прво, се консумира топла, а тоа помага за проток на слузта и подобрување на циркулацијата на крвта. Тоа ќе направи да се чувствувате барем малку подобро. Второ, добрата супа со многу зеленчук ќе ве снабди со потребните хранливи состојки и енергија. Тоа во одредена мера ќе го забрза закрепнувањето, велат експертите.
Истовремено, психолошката и физичката удобност која се јавува при консумирање на топла пилешка супа може да има и плацебо ефект.
Повеќето супи содржат состојки богати со хранливи материи. “Бабината супа” содржи повеќе од пет вида зеленчук со висок процент на влакна, витамин Ц и антиоксиданси. Покрај тоа, супата не мора нужно да биде домашна за да ве снадби со хранливи материи – многу готови, па дури и конзервирани супи го имаат истиот ефект.
Канадската диететичарка Лесли Бек вели дека, според студија од 2000 година спроведена на универзитетот во Небраска, домашната пилешка супа која содржи пилешко месо, многу зеленчук, магдонос, морков, лук, сол и црн бибер ја спречува активноста на белите крвни зрнца кои предизвикуваат воспаление.
Друга студија објавена во 1978 година открива дека консумирањето топла пилешка супа го поттикнува излачувањето на назалниот секрет кај 15 здрави волонтери. Но, ефектот на одзатнување на носот траел само 30 минути, а пиењето топла вода го имало истиот ефект, вели Бек.
Сепак, според еден извештај од “UCLA” од 1998 година под наслов “Како да се справите со астмата и алергиите” стои дека “пилешката супа може да ја подобри способноста на ситните носни влакненца да спречат навлегување на заразни честички во организмот”.
Истото важи и за чаевите – освен потребната хидратација, тие немаат друга здравствена корист.
Постојат билни напитоци кои имаат јасен здравствен ефект, но тие бараат консумирање на одредена количина и концетрација, а тоа тешко ќе го пронајдете во просечна ќесичка чај.