Завршувањето на градежните работи на клиничката болница во Штип ќе ја чинат државата дополнителни 7 милиони евра. Ова го бара изведувачот, грчката градежна компанија „Интракат“, со облазложение дека толку ќе чини машинското и електронското уредување на внaтрешноста на зградата поради надминување на претходно проектираните технологии. Но, што сѐ всушност се крие позади ова најново барање? Проектот требаше да чини 30 милиони евра, а сега наеднаш таа бројка станува 37 милиони евра, а можеби и повеќе.
Од Министерството за здравство велат дека ова барање на „Интракат“ треба да биде усвоено на наредната владина седница. Така покажала нивната ревизија. Зошто сега наеднаш, кога имаме техничка влада, се остава една ваква сомнителна одлука да донесе новиот премиер Оливер Спасовски заедно со новите членови на Владата од опозицијата?
Градежните активности на овој објект се во прекин веќе подолг период, откако од игра излезе компанијата „Бетон Штип“ . Четири пати се одлагаше продолжувањето на изградбата на болницата. Сега, откако се договорени дополнителните 7 милиони евра, сите велат дека изградбата конечно ќе продолжи.
Последниот рок за завршување на изградбата на оваа болница со површина од 34 илјади метри квадратни, почната во 2015 година, сега е 2021 година.
Која е улогата на Димитриос Кутрас?
Но, да се вратиме уште на самиот почеток. Откако „Интракат“ го доби проектот за изградба на клиничката болница во Штип, како главен и единствен изведувач на работите (подизведувач) беше избрана компанијата „Бетон Штип“, чии сопственици беа блиски до претходната власт. Доверливи извори на МКД.мк велат дека договорот меѓу „Интракат“ и „Бетон Штип“ бил македонската компанија да исплаќа по 5 отсто од вредноста на секоја завршена работа на грчката компанија и проектот така да се заврши. „Бетон Штип“ да гради, а „Интракат“ да заработува. На другата страна, на страната на „Бетон Штип“, на сумата од 30 милиони евра требаше да бидат додадени и околу 4 милиони евра за т.н. клемови или непредвидени работи. Од вчера, според официјални информации на Министерството за здравство, таа бројка сега станува 7 милиони евра.
Откако за „Бетон Штип“ се отвори случај во СЈО („Тендери“) и по промената на власта, изворите на МКД.мк велат дека бил направен обид и за целосно преземање на компанијата, но понудата од бизнисмени блиски до актуелната власт, Орце Камчев, еден од сопствениците на „Бетон Штип“, ја одбил како непристојна.
По одбивањето на понудата, неофицијално, министер од Владата на Заев заминал на работен викенд во Атина на средба со Димитриос Кутрас, еден од менаџерите на „Интракат“. По оваа средба, грчката компанија престанува да ги плаќа обврските кон „Бетон Штип“ за завршени работи во вредност од 125 милиони денари, го раскинува договорот со македонската компанија и ја активира банкарската гаранција од 3,5 милиони евра која „Бетон Штип“ ја даде за тендерот и која до ден денес не е вратена и истата станува дел од новиот договор. Така „Бетон Штип“ влегува во стечај за што сѐ уште се води судска постапка.
Од проектот клиничка болница во Штип целосно излегува „Бетон Штип“, а останува само „Интракат“.
Димитриос Кутрас
Случајно или не, еден од главните менаџери на „Интракат“ е Димитриос Кутрас, кој претходно беше директор на грчката компанија „Актор“, изведувач на автопатот Смоквица-Демир Капија. Откако се отворија бројни скандали за работата на „Актор“ во Македонија, Србија и Бугарија, Кутрас брзо станува прв човек на бордот на директори на „Интракат“.
Во Македонија СЈО за „Актор“ отвори случај за перење пари при изградбата на автопатот, но уште побрзо и го заборави. Истата компанија сѐ уште е под истрага на ОЛАФ, служба за борба против измами на Европската Комисија.
Информациите на нашиот извор велат дека не случајно во овој период се случуваат и средбите на висок претставник на власта со Кутрас во Грција, и на Кутрас со бизнисмени поврзани со власта во канцеларија во ГТЦ во Скопје. Сигурно е дека главна тема на овие разговори било продолжувањето на работите со изградбата на клиничката болница во Штип.
И откако деновиве се соопшти официјалната одлука за дополнителни 7 милиони евра, се отвори прашањето зошто министерот за здравство Венко Филипче и поранешниот премиер Зоран Заев оваа зделка не ја завршиле со одлука на една од декемвриските владини седници? Зошто овој жежок костен се остави на техничката влада, заедно со опозицијата?