СЗО на почетокот објавила дека опасноста за ширење на коронавирусот е многу висока во Кина, висока на реагионално и умерена на меѓународно ниво.
Светската здравствена организација ја исправила проценката вчера за заканата од коронавирусот во Кина од умерена на повисока на меѓународно ниво, со објаснување дека дошло до грешка во формулацијата, а прва жртва на епидемијата објавил и Пекинг, пренесуваат агенциите.
Претходно СЗО објавила дека опасноста од ширење на вирусот е многу висока во Кина, висока на регионално и умерена на меѓународно ниво.
-Станува збор за грешка во формулацијата и ние сега ја поправивме, рекла портпаролката на организацијата со седиште во Женева.
СЗО објавила шест извештаи за состојбата на ширењето на болеста откако избила кризата. Без оглед на исправката, СЗО и натаму смета дека епидемијата не е закана за јавното здравје на меѓународно ниво.
Таквата формулација СЗО ја користела во ретки случаи на епидемија кога се бара силна глобална реакција како во случајот со свинскиот грип H1N1 во 2009-та година, вирусот Зика во 2016-та, и грозницата Ебола во 2014-та година во западна Африка, односно Демократска Република Конго во 2018-та година.
СЗО во случајот со епидемијата САРС во 2003-та година остро го критикувала Пекинг дека доцнел со предупредувањата и дека се обидел да ги сокрие размерите на епидемијата.
Од друга страна, СЗО била остро критикувана последните години дека кренала голема паника за вирусот H1N1 во 2009-та, а во случајот со ебола во Африка, била обвинета дека не го согледала обемот на кризата пред да се прошири.