Регистрираната инциденца од грип и заболувања слични на грип е над неделната граница на сезонска активност, а процентот на позитивни резултати добиени од вирусолошкиот надзор за оваа недела е 59,6%. Во пораст е интензитетот и распространетоста на вирусот, што заедно со високиот процент на позитивни изолати на грип укажува на висока активност на вирусот на грип. Во позитивните примероци, детектирани се и Influenza A и Influenza В тип на вирусот.
Се очекува натамошен пораст на активноста на вирусот и достигнување на пик на сезоната на грип во текот на следните недели.
Во текот на последната недела од овој месец се регистрирани 1.600 нови случаи на грип, што е за 45% повеќе во споредба од претходната недела. Градови со најмногу заразени од грип се Скопје и Дебар, а заболени се регистрирани во уште 22 други градови во земјава.
“Бројот на регистрирани случаи оваа недела е 2,5 пати поголем од истиот период лани, додека бројот на регистрирани случаи оваа недела е над неделниот сезонски лимит на грип. Во однос на возрасната група најпогодени од грипот оваа недела се лицата на возраст од 15-64 години”, наведуваат од Институтот за јавно здравје.
Лекарите препорачуваат да се избегнува контактот со оние кои се погодени од сезонски грип. Поради ниските температури, луѓето остануваат повеќе во затворен простор, се поблиску едни до други и ова е една од причините што се зголемува бројот на заболени од грип. Инфекцијата се пренесува многу брзо поради близината едни на други и инкубацијата трае до три дена. Препораките се да се внесува доволно храна и течности, да се води сметка за личната хигиена и секако да се внесуваат препорачаните дози на витамини.