Мелничко-пекарската индустрија паѓа на колена. Ако Владата најкасно за еден месец не го врати стариот Правилник за увоз на брашно според кој контролата на увезената стока ќе се врши во земјава, околу 160.000 тони пченица ќе останат неоткупени, алармираат мелничарите. Велат власта да се разбуди и да не ги игнорира нивните барања, во спротивно – целиот бизнис може да пропадне.
За да се заштитат земјоделците и потрошувачите, мелничарите бараат решение на проблемите со откупот и цената на брашното пред почетокот на жетвата.
– Не можеме да вршиме откуп заради тоа што сега влегува многу брашно од Србија, се прават големи залихи, а ние не можеме да обезбедиме средства за откуп и не можеме да бидеме конкурентни со нашата откупна суровина, не можеме да направиме даадена вредност на нашиот производот кој ќе ги покрие трошоците и да понудиме конкурентна цена на српското брашно. Затоа заклучивме да не вршиме откуп оваа година на пченица доколку Владата остане нема на нашите барања, рече Никола Ѓорѓиев од „Мак Млин Чешиново“.
Како што информира Малишиќ, килограм македонска пченицита што е заостаната од минатогодишниот род се продава по 11 денари во место, а српско брашно веќе се продава на пазарот со сите извозни трошоци по цена од околу 13 денари.
– Тоа значи дека е невозможно да се купи македонската пченица да се донесе во преработувачки капацитет, да се сомеле, да се спакува, да се платат трошоци за плата, струја… и да се продаде во Македонија, појасни Малишиќ.
За мелничарите е нејасно зошто Владата прави отстапки при реакцијата од Србија и го врати решението според кое маркиците на брашното се ставаат во земјата произодител, наместо во земјата увозник. Велат, власта да преземе мерки за соодветна примена на законите и правилниците за да не се создаде нелојална конкуренција.
– На утврдените прекршувања на законите од извозниците на брашно од српска страна и нивното исправање од нашите институции, по помалку од еден месец Владата и вицепремиерот и ветија на српската страна дека ќе ги укинат правилниците кои колку толку ги штитеа домашните потрошувачи како и домашните мелници и земјоделци. Ваквата еднострана одлука на која се противевме и се противиме е донесена без да се земат предвид штетите кои се носат на земјоделците, млиновите и на Буџетот на РМ, како и на здравјето и квалитетот на потрошувачите, рече Горан Малишиќ, претседател на Групацијата на мелничко пекарската индустрија при Стопанската комора на Македонија.
Паралелно, наместо државата да ги заштити домашните мелничари со контрола на увозот на брашно, таа им задава финансиски удар, форсирајќи го увозот, на сметка на домашното производство.
Инаку, во земјава има околу 30 компании во мелничкиот сектор, кои сите се со хипотекарни кредити и со една нога пред клуч на врата.