Шефот на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејесус изјави денеска дека нема потреба од држави, во обид да се запре ширењето на коронавирусот, да преземат мерки што „непотребно влијаат на меѓународните патувања и трговија“.
– Ги повикуваме сите земји да спроведат доследни одлуки засновани врз докази, рече Гебрејесус пред Извршниот одбор на СЗО.
Тој ја повтори својата претходна порака дека „глобалната поврзаност е слабост во епидемијата, но и најголема сила“.
Кина денеска осуди некои земји, вклучително и САД, поради забраната за влез на луѓе од покраината Хубеи, центар на епидемијата на новиот коронавирус и за откажување на летови, спротивно на препораката на СЗО, да не се преземат непотребни или прекумерни мерки.
Досега во Кина починаа 361 лице, а повеќе од 17.000 се заразени од вирусот, што избувна во градот Вухан. Најмалку 171 случаи се пријавени во повеќе од дваесет други земји и региони, од САД до Јапонија.