Албанскиот  Институт за јавно здравје официјално потврди дека во земјата циркулира подваријантата на Омикрон БА4.

– Го потврдивме присуството и на варијантата БА4, покрај БА5 која циркулира од јуни. Во лабораторија во Германија испративме 230 примероци. Од нив над 83 отсто беа БА5 и мал процент или околу 4 отсто БА4“, изјави Еугена Томини, директорка на Институтот.

Според неа се уште во земјата има висока позитивност кај новозаразени, а незаинтересираноста за вакцинација условува поотежната клиничка слика на заразените. Таа предупреди дека коциркулацијата на двете подваријанти на Омикрон и сезонските вируси, на почетокот на есента, се очекува да ја комплицираат состојбата во земјата.

Официјалната статистика објавена вчера попладне потврди дека од тестираните 1.285 лица, позитивен резултат е добиен кај 375 или 30 отсто од тестираните. Но, бројката е многу повисока бидејќи дел се тестираат дома и се лекуваат во домашни услови, а други и не го прават тоа поради поблагите симптоми.