Денес на пладне влезот на фабриката “УСЈЕ“ беше блокиран од страна на активистите за животна средина. Со маски на лицето и транспаренти демонстрантите ги повикаа државните органи да преземат мерки да престане целата активност на „УСЈЕ“ поради, како што велат, бавното убивање. Под паролата „Алтернативно нè убивате“, иницијативата „Движење за чист воздух“ и покрај студот и лошото време, го реализираше протестот пред скопската Цементарница, и го блокираа влезот на компанијата со црвена лента. Со овој протест и блокадата на Цементарница, активистите велат дека сакаат да покажат отпор кон молкот и бизнисот на штета на здравјето на сите. Во знак на револт, граѓаните и доделија пехар на Цементарница „Усје“ за „Трујач на годината“.
Десетици граѓани одговорија на повиците на социјалните мрежи и пред Цементарницата протестираа еден час. За неа велат дека е најголем загадувач на воздухот од секторот за тешка индустрија. Бараат законска забрана за увозот на отпад за горење и вклучување на граѓанскиот сектор во процесот на следење на основите на мерење на загадувањето и проверка со инспекторите на терен. Револтираните граѓани што дојдоа на протестот пред фабриката прашуваа дали е точно дека тука во ноќните часови се гори сомнителен отпад, се крева црн чад и обвинија дека надлежните не преземаат никакви мерки.
Додека организаторите на Здружението за чист воздух зборуваа пред насобраните, дојдоа раководните лица на фабриката и веднаш наидоа на револт. Генералниот извршен директор на „Усје“,Борис Хрисафов ги повтори познатите ставови на фирмата дека не се загадувачи на воздухот. Тоја им рече дека поседуваат А-интегрална дозвола, која државата им ја издава на компаниите од тешката индустрија кои ги исполнуваат сите еколошки стандарди за ослободување на гасови од фабричките оџаци.
Активистите бараат целосна забрана за каков било отпад. Иницијативата „О2“, пак, бара итна седница за забрана на увоз на отпад и предупредува дека има само уште неколку дена до распуштање на парламентот. Инаку протестот почна со минута молк за сите жртви на загадувањето.