Директорот на косовскиот Национален институт за јавно здравје, Насер Рамадани, соопшти дека резултатите од тестовите во институтот покажале дека пациентката за која имаше сомнеж дека го добила коронавирусот, не е заразена со него.
На конференцијата што се одржа предмалку во Институтот, Рамадани рече дека по три теста извршени во лабораторијата на Националниот институт, излегло дека резултатите се негативни на коронавирусот.
-Првите информации ги добивме од самата пациентка. Но Националниот институт објави дека во скијачки центар во Франција за пет Британци е потврдено дека се заразени, а нашата пациентка скијала во истиот центар, па таа самата се исплашила затоа што била во истиот центар… Ги добивме лабораториските резултати од сите три теста со цел да го отфрлиме секое сомневање за коронавирус и грип А или Б и сите три беа негативни. Во овој случај, лабораториската потврда е конечна потврда, рече тој.
Претходно министерот за здравство и докторите на Клиниката за инфективни болести во Приштина соопштија дека една пациентка се лекува под сомнение дека може да е заболена од новиот опасен коронавирус што првпат се појави во Кина во декември.
На вонредната прес-конференција министерот за здравство Арбен Витиа рече дека станува збор за странска државјанка што работи на Косово, а за која се претпоставува дека е заразена во скијачки центар надвор од Косово.
Косовските медиуми објавија дека станува збор за британска државјанка.