Министерката за труд и социјална политика Рашела Мизрахи, го посети Заводот за рехабилитација на деца и младинци во Скопје. На средбата со директорот Фатмир Ејупи и вработените во институцијата, министерката се запозна со сите проблеми и предизвици со кои Заводот се соочува во обезбедување на дневно и интернатско згрижување на лица со умерени и тешки пречки во интелектуалниот развој, информира министерството за труд и социјална политика.
Заводот за рехабилитација на деца и младинци во Скопје е установа која обезбедува дневно и интернатско згрижување, опсервација, рехабилитационо – корективен третман, воспитание, образование, работно оспособување и работна окупација, спортско – рекреативен и културно забавен живот и здравствена заштита на лица со умерено и тешки пречки во интелектуалниот развој.
Во Заводот моментално има 68 корисници кои ги користат услугите на Заводот, но истиот се соочува со недостаток на персонал кои му се потребни за непречено функционирање на институцијата, и соопшти директорот Ејупи на министерката. Дополнително министерката го посети и делот од Заводот за рехабилитација каде што корисниците на Заводот ги оспособуваат лицата за занает во областа на столарските работи и креативните занаетчиски работи.
-Поддршката за Заводот мора да продолжи и тоа со зголемен интензитет, не само вербално туку и со финансиски средства. Тие вршат толку благородна работа што поддршката не смее да запре ни во еден момент. Среќна сум како вработените си ја извршуваат својата работа и што ги оспособуваат лицата со попреченост да бидат корисни граѓани и да самостојно работат, вели Мизрахи.