Насилни методи за дисциплинирање на децата примениле 79 отсто од родителите во Македонија, опфатени со истражувањето што го спроведе УНИЦЕФ, а една четвртина од наставниците имаат ниска свест за психичко злоставување и лесни форми на физичко насилство. Според ова истражување, во Македонија седум од десет деца на возраст од 2 до 14 години дома се дисциплинираат со насилни методи, односно со физички казни и психолошка агресија, пренесува СДК.

Од УНИЦЕФ велат дека кај испитаниците постои верување оти насилните методи на дисциплинирање децата функционираат, односно 44 отсто од нив сметаат дека физичкото казнување е ефикасен начин за коригирање на однесувањето на детето, а 37 отсто го мислат тоа за психичкото казнување.

„Насилните методи на дисциплинирање на децата во домот се социјално прифатени и често на нив се гледа како на неопходен дел во воспитувањето деца, иако овие методи сериозно го загрозуваат развојот на децата и ги кршат нивните основни права. Со оглед на тоа што мнозинството од родителите, или 79 отсто изјавиле дека примениле најмалку еден насилен метод: психичко злоставување, лесно или тешко физичко казнување, може да се каже дека родителите и старателите од сите социјални, образовни и културни категории посегнуваат по насилни методи на дисциплинирање на децата. Поголема веројатност да бидат физички казнувани имаат оние деца чии родители, исто така, искусиле физичко казнување како деца“, вели Бенџамин Перкс, претставник на УНИЦЕФ во земјава.

Според него, негативните искуства од детството директно влијаат на постигнувањето успех понатаму во животот и оставаат траги врз менталниот и физичкиот развој на детето, врз неговата способноста за социјална интеграција, воспоставување и одржување блиски емотивни односи и на способноста за финансиска заработка.

„Има поголема веројатност да се повтори матрицата на насилно дисциплинирање од генерација на генерација“, вели Перкс.

Според препораките од УНИЦЕФ, родителите треба да научат да применуваат позитивно родителство, а тоа подразбира поставување граници во однесувањето на детето, но истовремено давање поттик и градење самодоверба.

„Родителите не се свесни дека некои методи што ги применуваат се насилни. На пример заканување на детето дека ќе биде казнето е насилен метод, додека ако родителот му објасни зошто неговото однесување е несоодветно е позитивна практика. Родителството се учи, па така позитивните практики може да се научат“, вели Перкс.