Дилер на дрога или хуман човек што се грижи за здравјето на луѓето? Случајот на Филип Достовски отвори многу дилеми околу состојбата со легализација на канабисот во земјава.

Основачот на здружението „Зелена Алтернатива“ денеска седна во обвинителна клупа откако пред две години полицијата во неговиот дом запленила див коноп. Од него правел масло за да ја лекува својата болест, но и за пациенти на кои тоа им било неопходно.

Филип не очекува фер судење. Ги обвинува судските и полициските власти за лицемерие бидејќи, како што вели, од него барале помош а сега неговата работа ја третираат како криминалистичка.

  • Реално, треба да ме судат на база на научни податоци, а овие тука ќе ме судат на база на суеверие. Најнови научни сознанија се дека скоро сите автоимуни болести потекнуваат од една дијагноза, тоа се вика клинички недостаток на ендоканабиноиди, помага кај скоро сите болести. Некои ги лечи, на некои само палиотивно помага. За жал не им помага на сите, ама за среќа на никој не му штети, истакна Филип Достовски, здружение „Зелена Алтернатива“.

Почетокот на судењето беше повод за сите активисти и поддржувачи пред Кривичниот суд уште еднаш да ги повторат своите барања. Бараат поддршка од владата да го дозволат канабисот за лек – само така ќе има поголема контрола за неговата употреба, а бенефит од неговото одгледување ќе имаат сите, а не само приватните лица со лиценци.

  • Сметаме дека е недозволиво во услови кога државата овозможува бизнис на големи компании кои имаат значителни средства да произведуваат масло од канабис, е недопустливо да граѓанските активисти се наоѓаат под кривичен прогон. Декриминализација на канабис за лична употреба, проширување на употребата во медицински цели и за повеќе области од сегашните четири, економски морал кој ќе дозволи инклузија на македонскиот земјоделец во микропретпријатија, вели Јанаки Митровски, здружение „Билка“.

Во аптеките може да се најде масло од канабис кое се издава без лекарски рецепт, но со количина на THC помало од 0,2 отсто. На црниот пазар, маслата содржат THC и до 20 отсто. Моментално во Македонија употребата на маслото од канабис е дозволена за лекување на ХИВ, рак, епилепсија и мултиплекс склероза.