Центарот за јавно здравје од Кочани само во текот на оваа недела регистрирал 40 новозаболени лица од сезонски грип, со што вкупниот број на евидентирани пациенти во регионот од почетокот на февруари надмина стотина.
Скоро половина од пациентите се регистрирани во Делчево и Кочани, а нешто помалку во општините Виница, Берово и Пехчево и сите се на возраст меѓу 15 и 55 години.
-Оваа бројка на заболени беше очекувана, не е за изненадување ако во седмата и осмата недела од годината продолжи во нагорна линија и најверојатно до почетокот на идниот месец ќе го достигне својот максимум. Во споредба со истиот период минатата година, бројот на евидентирани пациенти со сезонски грип е за два ипол пати поголем, истакна Горан Николов, епидемиолог во Центарот за јавно здравје – Кочани.
Според Николов, состојбата со заболените лица постојано се следи и тие ја примаат пропишаната терапија, а упати апел до граѓаните кои ќе почувствуваат симпотми на грип веднаш да се јават кај своите матични лекари.
Од кочанскиот Центар за јавно здравје информираа дека бројот на заболени од заразна жолтица е во опаѓање, но забележан е пораст на варичела кај децата, иако бројката сè уште е под границата за да се прогласи епидемија.