Министерот за здравство, Златибор Лончар денеска изјави дека во Србија се вакцинирани 48,49 отсто од граѓаните, што не е доволно и дека сите позитивни на коронавирус се вратените од летните одмори кои се претежно невакцинирани. Тој за српските медиуми предупреди дека од овој проблем нема да се излезе ако е бавна вакцинацијата, ако се дозволи вирусот да мутира и вакцините да не бидат доволно средство за негово сузбивање.

Лончар изјави дека апсолутно се залага за задолжителна вакцинација на здравствените работници и оние кои се во чест контакт со луѓе, како што се таксистите, службени лица и други, додавајќи дека кај младите има проблем во пристапот затоа што често кога ги прашувате зошто не се вакцинирани нивниот одговор е дека не знаат.

Во последните неколку дена, во Србија бројот на новоинфицирани со коронавирус расте. Вчера во Србија коронавирусот е потврден кај уште 249 лица, од 8596 тестирани, а петмина пациенти починаа како резултат на инфекцијата.

Експертите посочуваат дека бројките предупредуваат дека четвртиот бран е пред нас и дека на удар ќе бидат невакцинираните, поради што е потребно да се забрза вакцинацијата. Тие предупредија и на фактот дека трицифрениот број на заразени лица во Србија е поради ниското ниво на вакцинација, особено ниската стапка на вакцинација кај младите. Стручниот комитет за имунизација пред три дена ја препорача третата доза на вакцинација за коронавирус.