Почетокот на второто полугодие во училиштата се одвива со преполовен број на ученици. Во некои одделенија наставата ја посетуваат само десетина од 27 ученици, велат од основното училиште „Христо Узунов“ од Охрид. Зголемената фрекфенција на вирусни заболувања и грип не се исклучок ниту за Охрид.
Педијатрите објаснуваат дека овој грип е со трахијално засегање кој може да се пренесе на белите дробови особено кај малите деца. Детското одделение во општата болница во Охрид е преполно со болни со бронхитис и пневмонии кои се јавуваат како компликации од сезонскиот грип. Педијатрите исто така посочуваат дека актуелната состојба со грипот воопшто не е наивна и дека надлежните треба да донесат соодветни мерки.
Од Центарот за јавно здравје Охрид, посочуваат дека кога е зголемен бројот на заболени и има големо отсуство на учениците од настава, крајна мерка е затворање на училиштата. Тоа се прави по налог на Комисијата за заразни болести.
Од Институтот за јавно здравје во Скопје, пак, не ја исклучуваат можноста, ако ваквиот тренд на ширење на грипот продолжи, да се разгледа можноста за привремено затворање на училиштата.
Во првите шест недели од оваа сезона бројот на заболени во државата е околу 11.000. Во споредба со истиот период од минатата сезона, постои зголемување на вкупниот број на пријавени случаи за 66.3%. Инаку досега едно 14 годишно девојче почина на Клиниката за детски болести, поради компликации од ова заразно заболување.