Република Македонија последниве петнаесет години бележи континуиран пад на бројот на новозаболени со туберкулоза, а од 2019 година припаѓа во групата на земји со ниска инциденца, вели во изјава за медиумите директорот на болницата за белодробни заболувања кај децата „Козле“, д-р Бесник Зеќири. Годишно во просек болницата има по 10 до 12 пациенти-деца заболени со туберкулоза, но годинава поради ковид пандемијата состојбата е малку поинаква, објаснува тој.

– Заради ковид-пандемијата, овие бројки беа помали во изминатите две години, по пет до осум деца. Годинава, за два месеца имаме дијагностицирано 11 случаи на ТБЦ, и околу 20 со латентна туберкулозна инфекција, вели Зеќири.

Тој појасни дека на нивниот оддел за туберкулоза, моментално болнички се лекуваат шест деца и сите се во стабилна состојба. Најважно е да се превенира болеста, а од особена важност е и нејзиното навремено откривање.

– За спречување на оваа болест потребна е вакцинација со БЦГ вакцина по раѓање, откривање на болните, најчесто возрасни лица со белодробна тбц кои ја шират заразата, и најважно откривање на контактите и нивно иследување, особено децата кај кои е потребна соодветна заштитна терапија, како не би дошло до развој на болест, посочи Зеќири.

Според најновите податоци на Светската здравствена организација, во 2021 година се регистрирани 10.6 милиони случаи на заболени од туберкулоза, што е еквивалент на 134 регистрирани случаи на 100.000 жители за таа година. Република Македонија последните 15 години има континуиран пад на бројот на новозаболени со туберкулоза, каде од 2019 година припаѓа во групата на земји со ниска инциденца, што имаат помалку од 10 случаи на 100.000 жители, нагласува Зеќири.

Постигнатиот напредок кон целите за елиминација на оваа болест во светски и домашни рамки, како што додаде Зеќири, во значителна мерка е компромитиран од страна на ковид-пандемијата, каде поради рефокусираноста на здравствените системи и популацијата кон истата, само е зголемен јазот помеѓу регистрираните случаи и реалната бројка на заболени од туберкулоза.