Ученичка во средно училиште од внатрешноста била исмејувана од своите соученици бидејќи не изгледала убаво. Тоа отишло до таму, што тие на социјалните мрежи постирале нејзини фотографии преку кои го исмејувале нејзиниот лик. Таа тоа го криела и го чувала во себе подолго време.
Откако тоа малтретирање соученици станало неиздржливо, таа собрала храброст и кажала дека веќе подолго време се соочува со потсмев. Поради тоа, таа била запишана во друго училиште. Но, и таму продолжила да биде затворена во себе, плашејќи се повторно да не и случи истото.
Тоа е само еден пример на булинг или насилство меѓу врсници/ученици од многуте кои во последно време ја разбрануваа јавноста. Имено, на социјалните мрежи беа прикажувани фотографии како ученици насилно се однесуваат кон училишниот инвентар, со нозе удираат по клупи, по компјутери и на тој начин ги оштетуваат, а последен случај беше Јавна соба, каде група на социјалните мрежи прикажуваше порнографски фотографии од малолетнички.
Јорданка Черепналкова-Трајкоска, координатор на СОС-телефонот во Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ вели дека не сме ни свесни колку оваа појава е присутна меѓу врсниците. Тоа, според неа е поради тоа што не секогаш имаме увид во нивната приватна комуникација, но и немаме законски одредби кои одобруваат кои апликации смеат, а кои не смеат да ги имаат децата на своите мобилни телефони.
Според годишниот извештај за работата на СОС телефонот за деца и младинци при Првата амбасада во светот „Меѓаши“, за насилството во воспитно-образовните институции (6%) во 2019 година се наоѓа на петтото место на најчести прекршувања на правата на детето според категоријата на проблемот на кој се однесува дојавата. На прво место е детската сиромаштија – 25%, правото на образование – 19%, видување со двајцата родители – 11% и семејно насилство – 7%.
Булингот, по дефиниција значи кога едно или група од повеќе деца вршат намерното повредување на друго дете, повторувајќи го повеќе пати.
– За булинг се смета физичко насилство, навредување, на другиот му се накалемуваат прекари. Многу страшен облик на булинг е социјалното исклучување на другиот, кога го прават тој да се чувствува непосакуван, но и сајбер булингот, или насилство преку социјалните мрежи, како што беше примерот со Јавна соба кога се објавуваа приватни фотографии на социјалните мрежи, до пишување на навреди на социјалните мрежи – објасни Черепналкова-Трајкоска.
Таа истакна дека за да се искорени оваа појава најдобро е да се работи превентивно.
– Имаме протокол за постапување и превенција на насилство. На крајот на декември минатата година, во „Порта“ промовиравме брошура во која се објаснува протоколот за постапување и превенција на насилство во училишните средини и е наменета токму за училиштата, но и се наведени активности и со учениците и со родителите, но и со наставниците. Во брошурата има и препораки и примери што треба да преземат училиштата во таа насока, како наставниците да препознаат насилство кај учениците. Треба во исто време да се работи и со двете страни, бидејќи не значи дека оној што бил жртва на булингот не може и самиот да стане насилник – истакна Черепналкова-Трајкоска.
Таа додаде дека ако се работи за повреда треба да и се даде соодветна медицинска помош на жртвата на булинг, а потоа психосоцијална поддршка доколку е малтретирана од своите соученици.
– Идеален систем е да се работи со сите чинители и со учениците, и со наставниците, со училиштето, со родителите и со заедницата – децидна е таа.
Според неа Форум театарот е една од алатките што „Меѓаши“ често ја спроведува во своите проекти и ја промовира особено кога се работи со ученици.
– Се подготвува куса претстава во која се обработува некој проблем, на пример конкретно насилството меѓу учениците или меѓу врсниците. Се презентира пред публика од ученици. Потоа се замрзнува и се повикува публиката да земе активно учество. Дискусијата ја води модератор, а учениците превземаат различни улоги, на пример и на жртва и на насилник и на тој начин укажуваат како би постапиле во соодветна ситуација. Така, секој на различен начин може да придонесе во решавање на проблемот, бидејќи моќта е во нив да направат нешто – информираше Черепналкова-Трајкоска.