Минатата година, на СОС телефонот за деца и млади на Меѓаши биле регистрирани 113 случаи за прекршување на правата на детето. Како што информираат од Првата детска амбасада, најчесто имале дојави кои се однесуваат на детската сиромаштија отсто) и правото на образование.

„Од добиените податоци доаѓаме до заклучок дека за периодот на известување од декември 2018 до ноември 2019, за дојавувачите, за жал, повторно, сиромаштијата е еден од главните проблеми со кои децата се соочуваат. Воедно, скратена им е можноста и правото да се образуваат и да имаат удобен живот како нивните врсници. За првпат оваа година, правото на образование се јавува високо на листата на прекршени права на детето. Имено, 19% од дојавите во извештајниот период се однесуваат на неможноста на остварување на правото на образование. Станува збор за деца кои заради непримена МРП вакцина, од различни причини, биле одбиени да бидат запишани во прво одделение во основно образование“, велат од „Меѓаши“.

 

Голем број од дојавите, дополнуваат, се однесуваат на насилството, во семејството или на училиште, но и на прекршените права на децата за видување со едниот родител или со своите баба или дедо.

„Децата во овие случаи стануваат жртви на неможноста нивните родители да се спогодат, односно стануваат жртви на недостатокот на комуникација кој се јавува помеѓу нивните родители кои се во процес на разведување или веќе се развеле. Неможноста за видување со еден од родителите е во форма на нередовност на гледањата на детето со родителот, при што е настанат проблем во комуникацијата на двата родитела и може да доведе отуѓување од едниот родител. Со неможноста на детето да се гледа со едниот родител детето се лишува од правото да расте и да се развива здраво и со двајцата родители“ дополнуваат од Детската амбасада.

Истовремено, забележуваат дека има отсуство на директни јавувања од деца. СОС телефонот на „Меѓаши“ е 02 2465 316.