Здружението „Зелена алтернатива“ на 19 мај во „Public room“ организира седми семинар со предавања на професори, доктори и научници, признаени во светот за нивните достигнувања и работа во областа на канабисот.
Целта е да се продолжи континуираната едукација и да се споделуваат точни информации за неговите својства и употреба. Оттука, во првиот дел, изглагање ќе има Пол Хорнби, доктор и научник од Канада, познат како човекот кој прв стандардизирал канабис екстракт за третман на специфични болести.
„Свое предавање ќе има и научникот заслужен за откривањето на ендоканабиноидниот систем, д-р Лумир Ондреј Хануш. По потекло е од Чешка, но својата работа ја врши во Израел и е носител на најважните откритија од полето на канабисот и ендоканабиноидниот систем“, се вели во соопштението за настанот „Канабис, 1.000 зошто – 1.001 затоа – Разбивање на митот: рекреативен или медицински канабис?“.
Исто така, гостите ќе имаат можност да го слушнат Роберт Меламед, доктор по молекуларна биологија. Неговите истражувања се во полето на канабиноидите, канцерот и обновувањето на ДНК, а ќе пренесува важни искуства и за третман на пациенти со канабис.
„Како четвртти ќе настапи Јонас Вандерсван, доктор од Канада, кој подолго време препишува канабис и екстракти од канабис за огромен број на болести каде истите имаат примена. Член е на повеќе друштва и асоцијации за употребата на канабисот како медицинско средство“, се вели во соопштението.
„Целта на дебатата е да се приближат ставовите помеѓу пациентите и докторите, да се чујат нивните барања, нивните дилеми, стравови и прашања во врска со користењето и третирањето на пациенти со канабис и затоа решивме да оставиме поголем простор за дебата и размена на мислења. Овој пат се надеваме на поголема присутност и во оваа пригода уште еднаш јавно да ги поканиме сите заинтересирани медицински лица, да го посетат овој настан и да учествуваат во дебатата со свој придонес, да постават прашање или да споделат мислење и искуство“, велат од здружението.