Здравствената состојба на тројцата повредени во експлозијата на плинска боца во кумановското село Романовце е крајно тешка, a oсобено на двете жени кои се наоѓаат во Единицата за интензивно лекување и нема никаква промена во однос на нејзино подобрување, изјави денеска директорот на Клиниката за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување и Ургентен центар – ТОАРИЛУЦ, Илир Хасани.
– За жал, не можам да Ви кажам никаква добра вест во моментов. Состојбата на мажот кој се наоѓа во Единицата за интензивно лекување на Клиниката за неврохируршки болести е исто така непроменета. Тој е во тешка, но стабилна состојба. Сите тројца се на апарати за дишење. Во моментот се во кома, значи дека организмот реагира и се влошува, додаде д-р Хасани.
Од Универзитетската клиника по хирушки болести „Св.Наум Охридски“ информираа дека и натаму во животозагрозувачка состојба е 31-годишната жена повредена во експлозијата на боца во Романовце, која има 80 проценти изгореници по телото.
– Состојбата е непроменета и е иста како и вчера. Во релативно стабилна состојба се десетгодишното дете и 28-годишната бремена жена. Се преземаат сите мерки за подобрување на здравствената состојба на повредените, посочуваат од Клиниката.
Експлозијата на боца во Романовце се случи завчера. Животот го загубија четири лица.