Инфективното одделение на Клиничката болница во Штип е предвидено да стане еден од четирите изолациски центри во државата, каде што би се сместиле сомнителни случаи и пациенти заразени со корона вирусот. Ова синоќа по завршувањето на состанокот во Центарот за управување со кризи го соопшти министерот за здравство, Венко Филипче.
Оваа одлука до штипската Клиничка болница сѐ уште не е доставена. Директорот на болницата, Ален Ѓеоргијев вели дека е во очекување на официјална информација, поради што не сакаше да коментира на оваа тема.
Инфективното одделение во Штип располага со 35 кревети и карантински дел. Иако е издвоена зграда, односно не се наоѓа во главната болничка зграда, сепак е во кругот на болницата, покрај која поминуваат пациенти, кои се упатуваат кон Детското одделение.
МВР треба да определи број на полицајци, кои ќе бидат задолжени за обезбедување.
За некој ден, со почетокот на март се најавува почеток на реконструкција на зградата, со замена на столаријата и реконструкција на фасадата преку проект од ИПА на ЕУ за Прекугранична соработка со Бугарија вреден 200.000 евра. Неизвесно е дали тоа што Одделението е прогласено за изолациски центар, ќе ја одложи и планираната реконструкција на објектот.