Министерството за здравство не планира да воведе скрининг за метаболни заболувања за сите 20.000 новороденчиња колку што годишно се раѓаат во земјава, туку само кај одреден процент кој оваа година ќе биде поголем од лани. Поради тоа што нема скрининг, тешките болести и состојби кај децата се откриваат доцна кога оштетувања на виталните органи веќе започнале или се случиле.
Од невладината организација „Живот со предизвици“ велат дека многу е важно да се прави неонатален скрининг на метаболните болести како што е фенилкетонурија. Тие посочуваат дека поголемиот дел од децата се дијагностицираат доцна, а и само 2 месеци задоцнување значат пречки во физичкиот и менталениот развој. Кај нас скринингот се прави само на 2000 од 20 000 новороденчиња.
Причината за ваквиот случај велат од институциите е немањето доволно средства да се прошири овој скрининг за метаболни болести за сите новородени. Од невладината организација велат и дека Македонија е единствената земја во Европа која нема скрининг за фенилкетонурија за сите новородени.
Наместо да дадат одговор на прашањето дали се планира сите новороденчиња да почне да се испитуваат за метаболни заболувања, од Министерство за здравство велат дека скринингот во континуитет се реализира веќе неколку години како пилот-скрининг по индикација за деца на интензивна нега на Клиниката за детски болести.
„Од Детска клиника информираат дека во изминатите шест години, во рамки на пилот-скринингот се дијагностицирани три новороденчиња со фенилкетонурија во првата недела од животот од породилиштата во општите болници во Прилеп, Битола и Специјалната болница во Чаир и веднаш е почната исхрана сиромашна со фенилаланин“, објаснуваат од Министерството за здравство.
Со Програмата за мајки и деца за 2020 година двојно повеќе деца се опфатени со скринингот, односно годинава 4.000 деца ќе бидат опфатени со него, за разлика од претходно кога беа опфатени 2.000 деца.
Ова значи дека околу 16.000 новороденчиња се изложени на ризик да имаат фенилкетонурија. Феникетонурија е ретка болест кај која постои таложење на штетни материи кои го оштетуваат централниот нервен систем и доколку не се открие навреме има трајнни и сериозни поледици. Фенилаланинот е киселина која не се разградува во организмот туку се натрупува, а проблемот е во тоа што оваа киселина се наоѓа во скоро сите намирници и истата може да предизвика трајни последици по здравјето на детето.