Опозициската ВМРО-ДПМНЕ на прес конференција денеска обвини дека на Водно се случувало „Шпанско село 2“ од страна на министерот за здравство, Венко Филипче.
„Ако до вчера, Филипче не одговараше, а во народот беше познат неговиот објект „Касарната на Филипче“, денеска јавно го прашувам дали знае чии сенад 13.500 метри квадратни градежно земјиште, вклучително и земјиштето каде што се гради популарната „касарна“. Веќе информиравме за заедничката градба во Нерези на бабата на Филипче и Горан Филипов, сопственик на фирмата „Синерџи“, компанија која добила тендери од Министерството за здравство околу седум милиони евра“, рече партискиот портпарол, Наум Стоилковски на прес конференција.
Тој обвини дека Филипче преку неговата сопруга Маја и нејзината мајка Катерина, таткото Јордан и нејзиниот брат Александар, а заедно со Горан Филипов, се сопственици на 13 парцели.
„Семејстовто на сопругата на Филипче е сопственик на седум парцели со вкупна површина од 6.164 метри квадратни. Горан Филипов е сопственик на осум парцели со вкупна површина од 7.342 метри квадратни. Согласно важечкиот Урбанистички план, на споменатите локации е предвидена намена А4, односно времено сместување со приземје, еден кат и поткровје, по 108 метри квардратни по кат. По времено сместување се подразбира хотели, мотели, старски домови, викендици, што е дијаметрално спротивно со таблата пред објектот кој се гради, а на која пишува дека се гради семејна куќа, за што треба намена А1“, обвини Стоилковски.
Портпаролот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ праша како со чесна плата се стигнувало до толкава квадратура, иако се работи за земјиште, сопственост на родителите на сопругата на министерот Филипче, а не лично негови.
Стоилковски не одговори дали се работи за купени парцели, посочувајќи дека на такви прашања, треба да одговори министерот Венко Филипче.