И покрај тоа што новиот коронавирус ги наполни насловните страни на многу светски и домашни медиуми, сезонскиот грип е оној кој навистина коси во светот и кај нас. Досега со новиот коронавирус се заразија 890 000 луѓе, а починаа 3000. Од сезонскиот грип, пак, само во САД се заразија 32 милиони жители, 310 000 се хоспитализирани, а 18 000 починаа. Иако сезонскиот грип е доста опасен, научниците го изучуваат со децении и знаат што да очекуваат секоја сезона. За разлика од него, за новиот коронавирус Ковид-19 се знае многу малку, само затоа што е нов.
И двата вируси, сезонскиот грип и Ковид-19, се заразни вируси и предизвикуваат респираторни болести. Типични симптоми за грип се: треска со температура, кашлица, воспалено грло, болки во мускулите, главоболки, затнат нос и нос кој тече, малаксаност, а понекогаш повраќање и дијареја. Овие симптоми доаѓаат одеднаш, а оние кои се заразуваат, закрепнуваат за помалку од две недели. Кај некои луѓе грипот предизвикува компликации како пневмонија.
Во однос на Ковид-19, докторите се уште се обидуваат да ја разберат целосната слика на болеста, нејзините симптоми и компликации. Од симптомите кои се пријавени кај оние кои досега се заразени со овој вирус, најчесто се сретнуваат треска со температура, кашлица и гушење. При тоа тие можат да варираат од умерени до сериозни.
СЗО посочува дека поради тоа што и двата вируси се респираторни и имаат слични симптоми, може да биде тешко да се утври точно за кој вирус се работи ако се набљудуваат само симптомите на болеста. Тие потенцираат и дека е многу важно да се знае дека во светот се уште не е прогласена пандемија на новиот коронавирус.