По повод денешниот 8-ми март или денот на жената во главниот град се одржа протестен марш под слоганот „Ти не си виновна“ со пораки за разбивање на стереотипите, зајакнување на самодовербата кај девојчињата, економско јакнење на жената и нејзино целосно вклучување во општеството како рамноправна.
-„Бараме воведување на сеопфатно сексуално образование веднаш, бараме заштита и превенција на родово базирано и семејно насилство од институиите кој се надлежни за ваков тип на вознемирување, бараме да заврши двојната виктимизација која што се случува во сите институции, се случува во образованието и во семејството.“ – изјави Калија Димитрова од Хелсиншкиот комитет.
Овогодинешниот марш беше поттикнат од случајот „Јавна соба“ , во кој според невладините организации стотици жени и девојки биле жртви, а во јавноста не било доволно информирано за родовото насилстство.
-„Не си ти виновна за нееднаквите плати, не си ти виновна за добиената шлаканица, лузните и омаложувањето, а уште помалку си виновна за себичноста на другите и нивната желба за манипулација и злоупотреба на твоите лични податоци и приватноста.“ – рече Мери Цветковска од Асоцијација „Хера“.
На трибината посветена на жената во организација на ВМРО-ДПМНЕ, пак, Рашела Мизрахи, која беше една од главните говорнички, истакна дека денес не смее да се заборави зошто се одбележува 8-ми март, односно за борбата за еднаквост на половите. Иако според Мизрахи законите се изменети, жените се уште не се заштитени од половата дискриминација и за жал, денес сеуште немаме целосна еднаквост. Мизрахи посочи дека мора да се промени перцепцијата, а жените треба да ја препознаат својата сила бидејќи само тогаш ќе имаме вистинска еднаквост.