Во време кога компаниите ги отпуштаат вработените, кога граѓаните се соочуваат со огромна економска неизвесност, општината Ѓорче Петров расипнички ги троши парите на граѓаните. Општината на чело со градоначалникот Александар Наумоски во екот на епидемијата донела одлука да потроши пари за кетеринг, изјави на прес конференција Бојан Стојаноски, претседател на ОК Ѓорче Петров на ВМРО-ДПМНЕ.
– Сите економски и стопански субјекти говорат дека ќе недостигаат пари за основни функции, граѓаните се плашат за своите работни места и за егзистенцијални прашања, а секој ден се зголемува дупката во државниот буџет, но затоа локалната власт во Ѓорче Петров се луксузира. Општина Ѓорче Петров на ден 19.03.2020 донела одлука за избор на најповолна понуда за набавка на угостителски услуги во проценета вредност од 500.000 денари без ДДВ. Наместо да се алоцираат средствата за подобро справување со кризата со вирусот, општина Ѓорче Петров ќе потроши без малку 10.000 евра на јадење и пиење. Не може да нема средства за набавка на средства за дезинфекција во услови на најголемата епидемија во 21 век, а да има за кетеринг. – реагира Стојаноски.
Тој вели дека оваа набавка е уште една од низата на непродуктивни трошење во кризен период, „како што беше онаа за привремени вработувања исто така склучена во екот на кризата во месец март во вредност од околу 11 милиони денари“.
– Меѓутоа, и оваа набавка ја потврдува неспособноста на локалната власт за менаџирање со локалниот буџет. Очигледно е дека СДСМ нема намера да се откаже од своите навики за расипничко трошење, а одговор за ваквите навики секако треба да дадат градоначалникот и Општина Ѓорче Петров – вели Стојаноски.