Кои се мерките и препораките за лицата заболени од малигни болести за Ковид-19?

За КОВИД 19 се знае дека претставува голема закана за лицата заболени од малигни болести, од една страна заради ризикот од заразување со инфекцијата и од друга страна затоа што…

За КОВИД 19 се знае дека претставува голема закана за лицата заболени од малигни болести, од една страна заради ризикот од заразување со инфекцијата и од друга страна затоа што може да се соочат со потежок тек на болеста. Така овие пациенти имаат поголем ризик од компликации, па затоа треба да преземат соодветни заштитни мерки.

Сите препораки напоменуваат дека е неопходно да се продолжи со редовната терапија за основното хематолошко или онколошко заболување кај пациентите кои се на третман, освен во ретки случаи кога докторот ќе процени поинаку и ќе предложи промена на третманскиот режим.

Приоритетно е да се почитуваат ригорозно сите мерки препорачани од Министерството за здравство, како засилена себе-заштита и максимално редуцирани контакти со надворешна средина. Како дополнителна превентивна мерка за поголема заштита, Министерството за здравство прави дисперзија на терапијата за пациентите за дел од онколошките заболувања, во регионалните онколошки центри во Битола, Штип и Тетово. Според ова, дел од пациентите за кои тоа е возможно терапијата ќе ја примаат во локалните центри и нема да мораат да доаѓаат во Клиниката за онкологија во Скопје.

За пациентите со намален имунитет од оваа група не постои потреба од превентивна антивирална терапија поврзана со ризикот од COVID-19. Додека пак, само и исклучиво за оние пациенти кај кои е дијагностицирана COVID-19 инфекција, треба да се ревидира стандардниот план за менаџмент на карциномот, односно хемато-онколошката состојба во насока на одложување или промена на терапијата, исто како што е случај кај сите пациенти со активна инфекција.

Силно се препорачуваат зачувување на хигиената и здравјето преку избегнување контакти и присуство во простории со многу луѓе, а преферирана е самоизолација. Носењето маска сега е задолжително за сите, но треба да се знае, барем за онаа обичната, хируршка маска дека е за еднократна употреба и додека е на лице, не смее да се допира или мести, вади и повторно да се враќа на лице.

Главните пораки не се поразлични од оние за целата популација, односно кои важат за сите граѓани, само што за онколошките пациенти се засилени и поригорозни. Честото миење раце сега е засилено со препораки и тоа од Светската здравствена организација за правилна и детална хигиена на раце. Посебно се препорачува да се избегнуваат посети од лица од поширокото семејство или пријатели со респираторни симптоми. При движење надвор или на работно место, оние што работат треба да одржуваат растојание од два метра од колегите.

За пациенти кои го завршиле својот третман и не се веќе на терапија се препорачува во договор со докторот да ги одложат редовните посети за контролни прегледи и останати потреби.


Related Articles