Среде пандемија, синдикатите се мобилизираат во битка за зачувување на работните места. Но дали и ќе се обединат?
Ниту скара, ниту марш, ниту слободен продолжен викенд. Коронавирусот го стави во карантин и традиционалното одбележување на 1 Мај. Ограничувањето на движењето среде пандемија, за првпат го прави меѓународниот ден на трудот поинаков. Принудно помирен, но далеку од помалку тензичен со оглед на револтот кој кулминира околу начинот на кој се менаџира одбраната на економијата од ударот на кризата. Посебно по усвојувањето на Уредбата за финансиска поддршка и за оние фирми кои ќе отпуштаат работници. Оваа „првомајска честитка” го вклучи алармот и ги крена на нозе сите синдикални организации кои предупредија дека нема да прифатат ударот од кризата да биде на грбот на работниците:
„Во овие моменти кои се исклучително тешки за македонските работници, ниту Владата ниту пак Министерството за финансии не смеат да носат Уредби по нарачка и притисок од работодавачите, коморите и слично, а се на штета и на грбот на работниците. Последиците од кризата треба и мора да ги поднесат сите чинители во општеството и претставниците на капиталот и претставниците на трудот, како две страни на една целина “, предупредија од Сојузот на синдикати на Македонија, најстариот и најбројниот синдикат, кој Денот на трудот го одбележува со т.н. дигитален синдикален марш.
Револтот не го смири ниту интервентниот состанок во владата, која откако ја донесе уредбата, сепак ги повика синдикатите на средба на која биле дефинирани предлози за решение на проблемите со платите и зачувување на работните места:
„Заеднички е констатирано дека се дефинирани предлози кои се добра основа за решение во насока на заштита на работните места, отстранување на можностите за отпуштање на работниците во услови на здравствено-економската криза од коронавирусот, а во исто време решение кое ќе биде стимул за компаниите да ја искористат државната помош“, посочија од Владата.
Синдикатите сепак се револтирани што владата влече потези без претходни консултации со нив:
„СОНК стои на својот став дека, дури и во вакви околности, односно и во вонредна состојба на државата, мора да се почитува правото на социјален дијалог и партнерство, особено кога се работи за вакви осетливи прашања, што се однесуваат на социјалната сигурност на работниците. Уште еднаш укажуваме на сериозноста на овој проблем и потребата за консензус меѓу политичките субјекти во државата, во однос на изноѓање најдобри економски мерки и решенија, за што е можно побезболно да се надмине кризата“, порачаа од Синдикатот за образование, наука и култура.
Во вакви услови станува јасно дека синдикалната битка добива поинакви приоритети. Или, наместо унапредување на работничките права, фокусот сега треба да се насочи кон зачувување на работните места:
„По оваа Корона-криза синдикализмот допрва ќе дојде до израз. Ние ќе бараме поправилна распределба на богатството во фирмите и во државата. Не може мала група луѓе да располага со толкави средства. На ова ние јасно ќе укажеме и тоа мора да се промени”, предупредува Маријан Ристески, претседател на Конфедерација на синдикални организации.
Поделеност и влијанија
Декларативно, синдикатите се единствени во пораките дека промени мора да има, а за работничките права не смее да се прават компромиси. Сепак, поделеноста во дејствувањето е очигледна, па оттука и дилемите колку реално битката може да биде и ефикасна:
„Ова е сигнал дека синдикализмот не смее да има партиски бои. Нека има ако треба и нови синдикалци. Секоја власт има влијанија во синдикализмот, меѓутоа тоа нас не не’ интересира. Треба да се напушти оваа состојба на препукување, кој бил поголем, порепрезентативен. Па ние проблемите повеќе ги имаме помеѓу себе отколку со владата“, реагира Ристески.
Поделеност и влијанија
Декларативно, синдикатите се единствени во пораките дека промени мора да има, а за работничките права не смее да се прават компромиси. Сепак, поделеноста во дејствувањето е очигледна, па оттука и дилемите колку реално битката може да биде и ефикасна:
„Ова е сигнал дека синдикализмот не смее да има партиски бои. Нека има ако треба и нови синдикалци. Секоја власт има влијанија во синдикализмот, меѓутоа тоа нас не не’ интересира. Треба да се напушти оваа состојба на препукување, кој бил поголем, порепрезентативен. Па ние проблемите повеќе ги имаме помеѓу себе отколку со владата“, реагира Ристески.