Во март и април изгубени девет илјади работни места

Нови 7.030 невработени лица евидентира Агенцијата за вработување во април. Ако на ова се додадат околу две илјади нови пријавени лица без работа во март, тогаш во првите два месеца…

Нови 7.030 невработени лица евидентира Агенцијата за вработување во април. Ако на ова се додадат околу две илјади нови пријавени лица без работа во март, тогаш во првите два месеца од корона-кризата, работното место во државата го изгубиле околу 9.000 луѓе. Вкупниот број невработени на крајот на април се искачи на 114.742 и е за над 10.300 поголем во споредба со почетокот на годинава.

Но, невработените кои се жртви на економската криза добиваат надеж дека ќе се вратат на старите рабoтни места, а оние кои стравуваат дека наскоро ќе станат невработени се посигурни дека ќе го задржат работното место откако Владата на 1 мај под притисок на синдикатите и на невладините организации измени две уредби. Со измена на уредбата која се однесува на Законот за работни односи работодавачите кои отпуштиле работници во периодот од 11 март до 30 април можат до 7 мај да ги вратат на работа и за нивните плати да побараат пари од државата во висина од 14.500 денари. Ако отпуштениот работник не се согласи да се врати на работа фирмата може неговото место да го пополни со друго лице и за него исто така да добие државна субвенција.

Со измена на Уредбата за финансиска поддршка на работодавачите, која предизвика гнев кај претставниците на работниците сега предвидени се строги услови според кои може фирмата да го намали бројот на вработени во периодот додека добива пари од државата и два месеца потоа, заклучно со јули. Останува можноста во тој период малите фирмите да го намалат бројот на вработени до 15 проценти, средните до 10, а големите до најмногу пет проценти, но за отпуштање работници има само шест причини. Тоа се пензионирање или смрт на работник, откажување на договорот за вработување од страна на работникот, откажување на договорот за вработување без отказен рок од страна на работодавачот поради кршење на работниот ред и дисциплина или работните обврски, спогодбено преземање на работник, престанување на важност на договорот за работа врз основа на судска пресуда и престанување на договорот поради утврдена трајна неспособност за работа. Аплицирањето за оваа државна помош почна на 1 мај преку системот е-даноци на Управата за јавни приходи. Според УЈП до вчера се примени 356 барања за финансиска помош за плати. Компаниите кои не аплицирале треба да побрзаат, зашто за тоа остануваат уште четири дена, до 7 мај. Според правилата по приемот на апликацијата УЈП има три дена за да одговори дали е сè во ред, а потоа ги исплатува средствата на сметката на работодавецот, кој треба да ги префрли на сметките на работниците во законскиот рок за исплата на плати.


Related Articles