Власта го спроведува сценариото за преземање на дистрибуцијата на топлинска енергија во главниот град од Балкан Енерџи Груп. Градот Скопје веќе ги направи првите чекори за да ја преземе дистрибуцијата. На денешната седница го основа новото акционерско друштво кое во иднина ќе се занимава со енергетски дејности.

Ова се подготвителни активности и претпријатието најверојатно ќе го преземе бизнисот со парно греење веќе од следната грејна сезона, односно од 15 октомври догодина. Тоа значи дека граѓаните наместо на БЕГ, сметките за парно ќе му ги плаќаат на новото претпријатие, односно на Град Скопје.

Одлуката за формирање на Акционерското друштво била едногласно донесена од Советот на Град Скопје. Со оваа одлука Градот ја утврдува потребата од основање на акционерско друштво за вршење на овие дејности за подрачјето на Скопје за снабдување со природен гас и топлинска енергија. За полесно работење, компанијата ќе основа едно или повеќе трговски друштва согласност Законот.

Управувањето на Друштвото се организира според двостепениот систем на управување, преку управен и надзорен одбор. Работите од надлежност на Собранието на Друштвото ќе ги врши Советот на Град Скопје, како единствен основач.

Со Друштвото управува Управниот одбор во рамките на овластувањата определени со Законот за трговски друштва. Управниот одбор се состои од 5 члена, кои ги именува Надзорниот одбор, со мандат од 4 години со право на повторен избор.

Со оваа одлука се задолжува Градоначалникот на Град Скопје, да ги изготви статутот и другите акти за основање на Акционерското друштво. Одлуката влегува во сила од денот на објавување во Службен гласник.

Претходно од БЕГ изјавија дека фирмата нема да оди во стечај. Иако претходно првиот човек на БЕГ јасно тврдеше дека тоа нешто нема да дојде и беше контра Петре Шилегов, сепак не било баш така. Скопскиот градоначалник веќе најави дека градот ќе ја преземе од нив дистрибуцијата на топлинска енергија.