Лидерите на најголемите партии во земјата по речиси три и полчасовната средба вчера попладне излегоа со оптимистички верувања дека на почетокот на следната недела, на нова средба кај претседателот на државата би можеле да се договорат за евентуален датум за парламентарни избори. Извесно е дека тие би можеле да се одржат летово. Сепак, по средбата и опозицијата и власта уште еднаш ги повторија веќе кажаните различни ставови во јавноста.
Исходот од средбата го пренесе Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски, кој соопшти дека на лидерската средба со консензус е одлучено дека здравјето на граѓаните останува приоритет и оти на почетокот на следната недела ќе се одржи нова средба за натамошните чекори откако ќе се добијат мислења од Комисијата за заразни болести, Државната изборна комисија (ДИК) и Канцеларијата на ОБСЕ/ОДИХР.
– Во однос на понатамошните чекори договорено е да се побара мислење од Комисијата за заразни болести во однос на мерките и протоколите кои треба да се почитуваат при одржување на изборни процеси во време на пандемијата на КОВИД-19. ДИК е потребно да достави мислење за временските рокови кои и се потребни за завршување на подготовките за спроведување на изборниот процес, а исто така ќе биде побарано и мислење од Канцеларијата на ОБСЕ/ОДИХР за временската рамка во која може да испратат набљудувачка мисија за изборите. На почетокот на идната недела ќе има повторно лидерска средба на која ќе се дискутираат понатамошните чекори, се наведува во соопштението од кабинетот на Претседателот на државата.
Премиерот Оливер Спасовски на прес-конференција во Владата, што се одржа по средбата, истакна дека во моментот кога ќе престане вонредната состојба, треба да продолжат да течат роковите за изборните дејствија. На лидерската средба, според него, се разговарало и биле понудени конкретни датуми во однос на одржувањето на изборите, меѓутоа одлучено е на политичко ниво разговорите да продолжат наредната недела, притоа да се обезбедат одредени информации.