Во попладневните часови на 17 мај 2020 година (недела) извршено е тестирање за КОВИД-19 на едно лице од тимот на обезбедувањето на претседателот Стево Пендаровски, вработен во Министерството за внатрешни работи, при што е утврден позитивен резултат.
Членот на обезбедувањето на претседателот е дел од поширокиот тим на обезбедување, што значи дека немал директна комуникација со претседателот. Минатата седмица користел годишен одмор, а последен пат бил на работното место на 11 мај 2020 година (понеделник).
По спроведената епидемиолошка анкета, утврдено е дека е потребно да се тестираат дополнително 11 лица кои биле во контакт со лицето кое е позитивно.
Сите 11 лица беа тестирани и се негативни на КОВИД-19, но и покрај тоа остануваат во самоизолација до 25 мај, до истекот на инкубација од 14 дена.
По извршената епидемиолошка анализа, претседателот Пендаровски и членовите на неговото семејство се оценети како контакти од втора линија, за кои според епидемиолошкиот протокол не се препорачува изолација.
Претседателот продолжува со извршување на редовните работни обврски.
Кабинетот на претседателот продолжува непречено да функционира, согласно препораките за заштита од КОВИД-19. Во изминатите два месеци вработените работат по различен распоред. Поголемиот дел од активностите се одржуваат на отворено. На средбите и настаните се одржува препорачаното физичко дистанцирање, се користи заштитна опрема како маски и ракавици, средства за дезинфекција, а редовно се чистат и дезинфицират просториите во „Вила Водно“.