Грција ги запали моторите на својата туристичка индустрија, соопштувајќи дека туристите за неколку недели ќе можат да дојдат на нејзините плажи.
Туристичката сезона во Грција ќе почне на 15 јуни со отворање на хотелите, додека директните меѓународни летови до грчките дестинации постепено ќе се обновуваат од 1 јули, рече премиерот Киријакос Мицотакис.
Во телевизиското обраќање до нацијата, Мицотакис рече дека Грција „успеа да го ограничи ширењето на коронавирусот“ и дека нејзините постапки во текот на здравствената криза се „пример што треба да се следи“.
Неговата влада доста рано воведе забрана за движење поради вирусот и избегна голем број заразени и починати од ковид-19.
Сепак, рестриктивните мерки ѝ нанесоа сериозен удар на грчката економија, чиј клучен дел е туризмот, кој е одговорен за повеќе од 10% од бруто-домашниот производ.
Минатата година повеќе од 34 милиони туристи ја посетија Грција и потрошија 18,2 милијарди евра, според официјалните податоци.
„Ајде храбро да се соочиме со реалноста: туризмот во април и мај ја достигна својата најниска точка. Значи, што и да постигнеме оваа година, ќе биде од корист“, рече Мицотакис.
Првите странски туристи се очекува да влезат во земјата со автомобил од соседните балкански држави, кои исто така имаат ниски стапки на зарази и смртност, вели Гардијан.
Мицотакис најави петмесечно намалување на даноците за превозот од 24 на 13 проценти, што ќе доведе до поевтини билети за брод, автобуси и авиони за време на туристичката сезона, како и намалување на даноците на кафе, безалкохолни пијалаци и билети за кината на отворено.
Коронавирусната зараза во Грција е потврдена кај 2.850 лица, од кои 166 починаа.