Со смртта на 56 годишната жителка на Лабуништа, бројот на починати од коронавирусот во ова село се искачи на 16, објави Алсат-М. Во исто време, во целиот струшки регион досега има 20 починати.
44 годишниот Беким Бајрамоски за кого смртта беше соопштена вчера, воедно е и првиот медиумски работник во земјава кој почина од коронавирусот. Бајрамоски работел во локалната телевизија Спектра во Лабуништа.
„Заразен е во Лабуништа од средината, од околината. Според тие контакти кои ги имаме сè се тоа луѓе кои се семејно поврзани коишто биле на најразлични настани или не биле, тоа не е нашиот интере“, рече Сашо Точков-директор на Центар за јавно здравје Охрид.
Од Центарот за јавно здравје во Охрид додаваат дека и понатаму имаат проблеми со многу жители кои ги кријат симптомите или кои не кажуваат со кого контактирале.
Инаку во Струга во моментов има 12 активни случаи со Ковид 19, од кои еден е во Лабуништа. Дневно само во охридскиот Центар за јавно здравје се земаат по околу дваесеттина брисеви од граѓани.