Руската вакцина Спутнук В во следниве два месеци се очекува да биде одобрена од страна на СЗО, изјави денеска Кирил Дмитриев, шеф на Рускиот фонд за директни инвестиции (РДИФ), задолжен за дистрибуција на лекот. Дмитриев посочи дека засега нема критики за вакцината, а не го прецизираше времето кога Европската агенција за лекови (ЕМА) ќе донесе одлука.

Шефот на РДИФ не сакаше да открие кои производствени капацитети биле посетени за време на инспекцијата.

– Гледаме дека инспекторите имаат професионален пристап. Нема значителни критички забелешки, барем засега. Никого не би повикале ако не бевме апсолутно сигурни во транспарентноста на процесот, рече Дмитриев.

Рускиот министер за здравство Михаил Мурачко, исто така, беше оптимист.

– Сè се одвива според планот. Тие треба да подготват извештај и да дадат препораки за тоа како да затворат одредени прашања, нагласи Мурачко за СЗО и ЕМА на економскиот форум во Санкт Петербург.

Унгарија засега е единствената земја на Европската унија која вакцинира со руската вакцина, а Словачка ќе започне да го прави тоа на 7 јуни, обете без да чекаат одобрување од ЕМА.