Ударот врз здравствениот систем кој го предизвика корона пандемијата кај нас допрва доаѓа. Новиот бран што ја „дрма“ Македонија забрзано ги полни болниците. Доктори сведочат оти во болниците се повеќе има наплив на пациенти со тешки симптоми на болеста кои бараат итна хоспитализација. Во Ковид центарот на ГОБ „8 Септември“ секојдневно се примаат по дваесетина пациенти. Таму веќе имало и недостиг на респиратори.
„Во моментов можам да кажам дека сме комплетно блокирани како болница, пред два дена бевме принудени да отвориме и петти оддел за којшто сакавме да го отвориме бидејќи навистина веќе немавме место, се судруваме со огромен проблем со асистирана вентилација, затоа што пациентите ни доаѓаат во најтешка можна состојба. Верувајте дека веќе немаме место и за машини, пребукирани сме и со болни, затоа што не е само потребата од кревети да имаме, ние имаме потреба секако и од персонал. Персоналот ни е преморен. Имам молба до граѓаните, прво да се заштитат самите себе си прво да се заштитите себе си, а потоа и нас, затоа што целиот здравствен персонал, зборувам на општо ниво, во целата наша држава е веќе на колена“, вели доктор Патриција Каламарас, шеф на Инфективното одделение во ГОБ „8 Септември“.
Во болницата веќе се лекуваат 100-тина пациенти. 10 се на респиратор и уште толку на кислородна поддршка. Таму 15 здравствени работници, меѓу кои и двајца доктори се позитивни на вирусот, а десет се во домашна изолација.
И болничките капацитети на Инфективната клиника се речиси исполнети. Од 110 кревети, дури 93 се зафатени. Во последното деноноќие на оваа Клиника биле примени 16 нови пациенти. Од Министерството за здравство велат оти инфективната клиника на располагање ги има и 72-те легла во монтажната болница на Брако, која остана да служи како тријажен центар.
Место за пациенти нема ниту во битолската болница. Таму се хоспитализирани 25 пациенти, а евентуалните нови случаи ќе мора да се испраќаат во Скопје и Охрид. Менаџментот на охридската болница, пак, извести оти од денеска ќе примале само пациенти со лесна клиничка слика.