Девет лица починаа од компликации од коронавирус, а во последните 24 часа се направени 778 тестирања и регистрирани се 162 нови случаи на КОВИД-19, соопшти Mинистерството за здравство. Од починатите 9 лица, три од Скопје, еден од Прилеп, два од Тетово, еден од Струга, еден од Велес и еден од Гостивар.
Со ова, вкупно ковид дијагностицирани во земја се 4.057, оздравени се 1.710, починати се 188, а во моментов активни случаи се 2.159.
На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби починаа две лица, пациент од Тетово (62), хоспитализиран еден ден на клиниката и пациент од Скопје (62), хоспитализиран пред три дена. Во Градската општа болница „8 Септември“ починаа пациент од Скопје (69) примен на 13 јуни, пациентка од Скопје (73) примена на 2 јуни и пациентка од Велес (70) хоспитализирана на 2 јуни. Во болницата во Прилеп почина пациентка на 81 година, хоспитализирана на 11 јуни. Во болницата во Тетово почина пациент (59), во болницата во Охрид почина пациент од Струга (69), а во болницата во Гостивар на пациентка (58) која починала на 11 јуни, позитивниот резултат на ковид е докажан постмортем.
Новозаболените по градови се од:
– Скопје 92
– Куманово 3
– Дебар 5
– Штип 1
– Прилеп 2
– Тетово 32
– Струга 3
– Охрид 4
– Гостивар 2
– Гевгелија 1
– Струмица 1
– Крива Паланка 1
– Свети Николе 1
– Ресен 14
Денеска Институтот за јавно здравје регистрира 5 оздравени пациенти, по двајца од Скопје и Прилеп и еден од Тетово.
До овој момент, вели Министерството, лабораторијата на „Жан Митрев“ („Филип Втори“) не пријави тестирања во Институт за јавно здравје. Доколку стигнат, ќе бидат објавени во следниот извештај.
Досега во земјата се направени вкупно 43.040 тестирања на КОВИД -19. Денеска нема тестирања во рамките на скринингот.