Наместо награда од 40 проценти од последната нето плата, дел од здравствените работници добиле платежни картички за купување на домашни производи со по околу 50 евра. Шокирани се од сумите. Тие за медиумите велат дека е несериозно, некој да си игра со нивното достоинство, во ситуација кога тие се во првите борбени редови во справувањето со опасниот вирус. Според ветувањето на Владата дека околу 4.400 медицински лица ќе добијат 40 проценти од платата, а нивните плати се над просечните, очекувале дека ќе добијат најмалку по 200 евра.
Од Генералниот секретаријат на Владата знаат за проблемот. Генералниот секретар Рашковски посочува дека имало проблем во списоците кои ги испратил Фондот за здравство.
– Имаше пропусти во списоците на Фондот за здравство, веќе се корегирани и лицата ќе си го добијат полниот износ- изјави Рашковски.
Од Фондот пак топката ја префрлија кај Здравствените установи. Велат погрешните податоци ги добиле од нив, по што ги корегирале грешките.
Но, ова не е единствениот список во кој имало проблеми. Проблематичен бил и тој на Министерството за образование, откако јавно излезе дека пензионери се добитници на платежни картички, а на списоците нема дел од редовните средношколци и студенти. Владата побарала од организиран криминал на МВР истрага за тоа кој ги вметнал лицата во списоците.