Од септември во поликлиника Чаир повторно ќе се воведе трета смена за магнетна резонанца, информираат од Здравствен Дом Скопје. За прегледите ќе може да се закаже преку електронскиот систем МојТермин, а истовремено функционира и апаратот за мамографија во склоп на поликлиниката.
Од поликлиника Чаир информираат и дека новина е воведувањето на дигитални апарати за снимање на скелет графии, кои се пософистицирани и со сосем мала доза на зрачење, а истите можат да се направат и во поликлиниките Јане Сандански и Ѓорче Петров.
Освен во поликлиника Чаир, кабинетот за дигитална мамографија продолжува да работи и во поликлиника Букурешт.
Доктор Виктор Исјановски, директорот на Здравствен Дом Скопје, посочува дека апаратот за магнетна резонанца и апаратот за мамографија се нови современи дигитални апарати со кои се вршат квалитетни прегледи, а околу 250 пациенти на месечно ниво ги користат нивните услуги. Тој истакнува дека побарувањата за ваквите прегледи се големи, а уште од минатата година е донесена одлуката за воведување на трета смена, со цел да се намали чекањето.