По предлогот за измените на Законот за игри на среќа, вработените во спортските обложувалници денес одржаа прес-конференција пред Владата на Македонија. Таму ги изнесоа своите ставови и грижи кои се однесуваат на нивната егзистенција доколку се усвојат измените. Донесувањето на ова законско решение ќе значи затворање на сите објекти и оставање преку ноќ без егзистенција 3.500 вработени во обложувалниците, а околу 10.000 вработени во целата индустрија, истакнаа тие.
Причината за донесувањето на новиот предлог закон е заштитата на малолетниците. Вработените во обложувалниците порачаа дека целосно го почитуваат моменталниот закон кој го регулира ова, а во кој е строго пропишана забрана за пристап и учество на малолетниците во игрите на среќа. Ако во наш објект влезе лице за кое се сомневаме дека е малолетно, ние како вработени сме должни да побараме документ за идентификација и доколку лицето не поседува таков документ, го замолуваме да го напушти објектот. Ние немаме интерес и не сакаме малолетници во нашите објекти. Работиме чесно и според сите закони.
– Во услови на ваква кревка економија и економска нестабилност, се прашуваме дали државата е свесна што ќе се случи доколку се затворат сите објекти од индустријата? Приредувачите на игри на среќа се најголемите даночни обврзници и полначи на државната каса, преку кои државата секоја година добива милиони евра во буџетот. Успеавме да ја пребродиме и најтешката година на пандемијата, никој од нас не беше отпуштен, дополнително имавме и вработувања на луѓе кои останале без работа со кризата, тие беа примени во нашите фирми. Иако нашиот сектор беше меѓу првите кој беше затворен, сепак работодавците обезбедија редовни плати и придонеси за сите вработени, не дозволувајќи да останеме на улица.
Издржуваме фамилии, плаќаме кредити и бараме само да работиме. Ако се усвојат законските измени, ќе излеземе сите на улица, на протест. И не само ние вработените од спортските обложувалници, туку и сите кои се засегнати од вакво законско решение.