Д-р. Живко Груевски

Откако пред неполни три години човештвото се соочи со глобалната пандемиска – здравствена криза што мултиплицирано се зголеми на почетокот од оваа 2022 година со руската воена инвазија во Украина, согласно сите извештаи за реалните состојби, научни анализи и аргументирани предвидувања извесно е дека оваа есен – зима ќе кулминираат економската, енергетската, инфлаторната, ценовната и социјалната криза со епски пропорции. Jeff  Bezos,  основачот и извршен претседател на „e-commerce” гигантот Amazon, кој е најрелевантен барометар за „здравјето” на јавната потрошувачка односно, клучниот генератор на економскиот развој, предупредува на неизбежност од голема рецесија на светската економија. Истите ставови ги споделуваат и David Solomon (CEO Investment Bank Goldman Sachs) или пак Jamie Dimon (CEO JP Morgan Chase) кој по последното интервју од 10 октомври ќе изјави дека „економијата ќе влезе во рецесија следните шест до девет месеци”.

Elon Musk (CEO Tesla & SpaceX), е уште попрецизен велејќи дека „ние сме веќе во рецесија која веројатно ќе трае до пролетта 2024 година и само најјаките ќе преживеат”.

Ваквата драматична криза кај сите национални економии наметна алармантна, вонредна состојба која пак ургентно бара вонредни и радикални економски стратегии и оперативни мерки за одржување во живот и избегнување на целосен економски колапс. Скоро без исклучок сите одговорни политички, економски и финансиски лидери од европските земји се согласуваат со дијагнозата дека се работи за најсериозна ,,ЕГЗИСТЕНЦИЈАЛНА ЗАКАНА” која наметнува неопходност од нови приоритети преку забавување или целосно времено одложување на претходно донесените национални стратегии и развојни проекции. Метафорично, кризата ги претвори националните економии како „пациент во клинички шок со акутни животно загрозувачки проблеми каде се неопходни интервентни реанимациони процедури а не некакви блазирани совети за долгорочните погодности од поинтензивно пешачење и физички вежби во природа на чист воздух или пак совети за органска исхрана и здрав диетален програм(!?)”.

Така на пример германскиот канцелар и неговиот владин кабинет интервентно одлучија да го стопираат планираното затворање на преостанатите три нуклеарни централи, но и да рестартираат неколку од веќе „пензионираните” нуклеарни капацитети. Од егзистенцијална важност е да се обезбеди електрична енергија за домаќинствата, индустријата и инфраструктурата во Германија. Ваквата тешка одлука е донесена и под голем притисок на неколку други партнерски земји од ЕУ, како Словачка и Унгарија. Белгија исто така планираше да ги затвори своите два нуклеарни реактори (со капацитет од 2.1 GW) до 2025 година, но во март одлучија да ги задржат во функција барем за уште 10 години. „Bloomberg” објави дека новата влада на Шведска ќе побара од државната компанија „Vattenfall AB” да планира и изгради нови нуклеарни централи за да ја задоволи растечката побарувачка на електрична енергија во земјата.

Притисната од драматичната реалност, германската влада прави „очајнички” обиди за да го задржи функционирањето на националната економија но и запалените светла и снабдување со електрична енергија во сите домаќинства за да се помине зимата. И покрај претходно прифатената обврска на Германија за постепено исклучување на ископување и користење на јаглен до крајот на оваа декада, во оваа нова реалност се вратија назад на најсигурниот и најбрз начин на производство на електрична енергија од фосилните горива. Така, во овие неколку месеци ефикасно возобновија и вратија во функција на неопределено време, најмалку 20 термо електрани на јаглен. Ветерните турбини близу до отворениот коп на рудникот „Garzweiler” во Северна Рајна-Вестфалија а со кој управува германскиот енергетски гигант „RWE”, се демонтираат и отстрануваат за да се отвори простор за проширување на копот и интензивна експлоатација на јаглен. Дури и најавторитетните граѓански групации за заштита на животната средина се согласуваат дека јагленот е најбрзиот но и најефикасниот одговор на енергетската криза. Karsten Smid од „Greenpeace Germany” вели „Ние мораме да разбереме дека кризната состојба во која би немале енергија, би немале струја нити топлина во домовите и канцелариите оваа зима, е далеку посериозно прашање од било која друга тема и заложба”.

Факт е дека во кризни времиња генерално сите луѓе покажуваат поголем интерес за информации, читање, проучување, слушање и осознавање. Така дури и најекстремните екологисти ја разбраа и прифатија реалноста дека без рударство и многукратно зголемување на неопходните количини од ретките, критични минерали и метали (бакар, литиум, никел, графит, кобалт…), општоприфатената програма за глобална транзиција во „зелена економија” – е само обична ДЕКЛАРАТИВНА ЖЕЛБА! Според извештаите на Светска Банка, притисокот за „зелена” технологија и производство на енергија од обновливи извори (ветер, сончева и геотермална), како и високософистицираните решенија за складирање на таквата енергија ќе резултира со побарувачка од околу 3 милијарди тони минерали и метали, односно ќе биде потребно 500% зголемување на производството на критични минерали и метали до 2050 година. Неизбежно се наметнува заклучокот дека современото одржливо рударство е клучна алка во процесот на транформација кон „зелената економија”. Видлив е трендот да големите автомобилски компании како Ford, Chrysler, Volkswagen, Mercedes, кои се обврзаа за забрзана транзиција и замена на нивните производни програми со електрични возила широко достапни до 2035 година (!?), интензивно стратешки се поврзуваат капитално со големите рударски компании кои работат и применуваат нови технологии и високи стандарди за одржливо рударство.

Така и американската администрација на претседателот Joe Biden неодамна додели грант од вкупно 2.8 милијарди долари за значително поттикнување на домашното рударство на критичните минерали и метали потребни за производство на моќните батерии за електричните возила.

Доколку во контекст на сé претходно наведено во овој текст повторно се навратам на разочарувачкиот пример со сосема неоправдано наметнатата неизвесност или повеќегодишниот „limbo” статус на Проектот за мега странската инвестиција – рударски комплекс за бакар „Иловица-Штука”, неизбежно ќе воочиме дека во односот на нашата држава кон овој проект има јасни елементи на економски, финансиски, енергетски и социјален „МАЗОХИЗАМ”. Искрено, како горд македонски државјанин чувствувам наплив на „срамотизам” при самото потсетување на крајно непристојното игнорирање и упорно избегнување на директна конструктивна комуникација со највисокиот менаџмент и бордот на директори на проектната компанија Euromax Resources, како и со клучните инвеститори со потврдено позитивен авторитет на глобалната деловна сцена. Со неодговорно наметнатата административна „рашомонијада” кон овој Проект (во последните 7 години!), како да постои некаков нерационален „мораториум” за објективно согледување на реалноста и за повлекување на практични и ефективни одлуки. Се прашувам зошто, дури и во вакви најкризни времиња, кај нас се повторува синдромалното пореметување на деструктивна „умствена миопија” додека и понатаму продолжуваме да пимпламе со односот кон нашата колективна иднина. Пасивноста, игнорантноста и самосожалувањето со својата „мртва тежина” не притискаат и во ваква драматична криза се всушност најголемата неправда кон сите нас. И покрај нашите политички, етнички, верски, социјални и културни различности, крајно време е СИТЕ да се обединиме во справувањето со овие егзистенцијални предизвици, да се обединиме за опстанок но и за прогрес, за отворање на нови работни места, за повисок животен стандард, конечно стопирање на иселувањето, посреќен и подостоинствен живот!

Да бидам конкретен – Во актуелните турбулентни времиња единствена реално остварлива, повторувам единствена реална мега – странска инвестиција која е веќе присутна во нашата држава и е целосно подготвена ВЕДНАШ да започне со оперативна реализација е токму проектот на Euromax Resources за современ рударски комплекс за бакар „Иловица-Штука”! Само за првите две години на изградба обезбеден е буџет за инвестирање на 350 милиони евра; во текот на целиот период на оперативно функционирање редовно ќе се исплаќаат по околу 75 милиони евра секоја година на повеќе домашни кооперанти; секоја година ќе се уплаќаат приближно по 25 милиони евра во државниот буџет, а околу 4 милиони евра во буџетите на локалните управи; рударскиот комплекс ќе генерира редовен извоз од околу 200 милиони евра годишно; според актуелните статистички податоци се проценува дека ќе придонесе за просечно зголемување на Бруто Домашниот Производ – БДП, за околу 4% на национално ниво; за целокупното времетраење со оперативното работење потребни се 3200 нови директни и индиректни работни места од најразлични професии…

Клучен инвеститор е глобалниот деловен гигант – Групацијата TRAFIGURA  или една од водечките светски дистрибутерски, трговски, логистички и производни компании. Тие се лидери во секторот на „commodities” или природни суровини кои ни се неопходни за „преживување” оваа зима, како нафта и нафтени деривати, природен гас, LPG&LNG, метали и минерали, енергија и обновливи извори на енергија. Мултинационална корпорација која има свои компании во 48 држави на сите континенти. Во финансиските резултати за 2021 година, Групацијата TRAFIGURA објави приход од 231.3 милијарди долари (што е за цели 16 пати поголем износ од македонскиот БДП!), а само за првата половина од 2022 година вкупниот приход изнесува 170.6 милијардри долари и нето профит од 4.7 милијарди долари…

А ние, ние со празните реторики, бескрајните игри и одолговлекувања наместо да побараме соработка неразумно ги присилуваме да дигнат раце од инвестицијата во овој мега Проект, но и од повеќе други потенцијални проекти во нашата држава каде како партнери со Групацијата TRAFIGURA, сосема извесно и за многу краток период би можеле да постигнеме реален пресврт со забележителен економски, енергетски, финансиски и социјален прогрес.