Македонија ќе започне со издавање на ковид сертификати кои ќе послужат како документи во кои ќе има информации за здравствената состојба односно, дали лицето примило вакцина против ковид-19, колкава е вредноста на антителата и резултати од ПЦР тест. Министерот Филипче посочи дека од идната недела се очекува да се започне со издавање на овој документ со кој ќе може да се патува во европските земји.
– Ние следната недела ќе го издадеме и т.н. “грин пас“. Тоа ќе е оној електронски кју-ар код што ќе има податоци за вакцината, за ПЦР-тест и евентуално за антитела, па кој било од трите параметри, за да може патникот да ги има со себе ако се патува во која било европска земја, изјави Филипче.
Во меѓувреме претставници на 27-те земји членки на Европската унија денеска се согласиле да дозволат влез во Унијата за патници од трети земји кои ги примиле потребните дози на антивирусните вакцини одобрени во ЕУ, објавија француските медиуми.
Европската унија ги затвори своите надворешни граници во март 2020 година за сите незадолжителни патувања и од јуни воведе и ограничен список, што редовно се преразгледува, за трети земји чии државјани, вакцинирани или невакцинирани, можат да влезат во ЕУ.