Ревакцинацијата со вакцината „Астра Зенека“ ќе се скрати на шест недели, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче. Тој информираше дека разговарале со членовите на Комитет за имунизација за намалување на рокот за ревакцина со „АстраЗенека“ и одлучиле дека ревакцинацијата од 12 недели ќе биде скратена на шест.
„АстраЗенека“ и натаму ќе се дава само на оние кои се постари од 60 години, така што ќе нема промена во однос на лицата кои ќе ја примаат оваа вакцина. Филипче посочи и дека ризикот од несакани ефекти е прилично намален и токму затоа е донесена ваквата одлука.
– Во упатството има една флексибилност од 4 до 12 недели, ние бевме многу внимателни чекајќи ги сите публикации и искуства на други земји за првично регистрирани несакани ефекти. Како гледаме дека тој ризик е прилично минимален одлучуваме ревакцината да биде на шест недели, објасни министерот.
Оваа одлука за аплицирање на вакцината „Астра Зенека“ ќе важи за сите граѓани кои треба да се ревакцинираат со оваа вакцина, изјави Филипче.