Група научници под водство на биохемичарот од Центарот за истражување на ракот во Сиетл, Тајлер Стар, откриле антитело коешто е способно да се бори не само со различните варијација на SARS-CoV-2, туку и со другите видови коронавируси, се наведува во студијата објавена во научното списание Nature.
Истражувачите проучувале 12 антитела изолирани од лица заразени со коронавирусите SARS-CoV-2 или SARS-CoV. Тие се прикачуваат на дел од протеинот на вирусот кој се врзува за рецепторите на човечките клетки. Тоа се нарекува домен на врзување на рецепторот.
Научниците составиле листа од илјадници мутации во таквите домени на различните варијанти на SARS-CoV-2 и други инфекции од групата сарбековируси. Се покажало дека едно од антителата (S2H97) е способно да се закачи на домените на сите такви вируси и да ги неутрализира во живите клетки. Тоа било докажано во текот на експериментите со хрчаци.
Авторите на истражувањето забележуваат дека и покрај достапноста на вакцините против коронавирусот, неопходно е постоењето на универзално антитело, имајќи предвид дека инфекцијата и натаму ќе мутира. Засега не може да се тврди дека S2H97 може да обезбеди заштита од новите соеви на коронавирусот, меѓутоа откривањето на „супер-антитело“ треба да го подготви човештвото да се бори против нови мутации на вирусот.