Од тетовската клиничка болница информираат дека минатата недела во домашни услови, од Ковид-19, починале татко, мајка и нивната ќерка. Станува збор за лица кои имале хронични болести и се наоѓале во тешка состојба, а не биле на преглед во ковид центарот.
– Имаме информација од минатата недела дека во домашни услови има тројца починати од едно семејство, од кои најмладата е 36 годишна жена со коморбидитети, била со обезитас, гинеколошки проблеми. Нејзините родители биле во тешки форми на болести како канцер во терминална фаза кај таткото и кардиолошка болест кај мајката. Значи генетскиот фактор и коморбидитетите се главниот проблем за смртни случаи при зараза со Ковид-19, изјави д-р Миранда Пајазити од тетовската клиничка болница.
Од болницата велат дека немаат информации како се заразиле членовите на семејството.
– Немаме информации за начинот на кој се заразиле. Можно е да било поради групирање, не само свадби, имаше разни видови на групирање кои може да доведат до заразеност. Затоа апелираме да нема групирање, да нема никакви настани додека се смири ситуацијата. При првите симптоми да прават контрола и тоа е многу добро. Сега во Клиничката болница нема многу членови од исто семејство кои се заразени, но во домашни услови има, има и во поблага и во полоша форма. За жал повеќето пациенти доаѓаат во терминална фаза од болеста, ги кријат симптомите дома, објаснува тетовската докторка.
Изминатите 24 часа во тетовската болница имало два смртни случаи кај хоспитализираните пациенти, на 40 и 60 – годишна возраст.
– Овие денови расте свеста и доаѓаат на прегледи. И тоа е добро ќе помогне во намалување на бројот на заразени. Генетски фактор е многу значаен, а плус делта варијантата на Ковид има способност еден човек да зарази деветмина. Многу е посилен од минатиот, рече д-р Пајазити.