Последниве седум дена во Македонија се регистрирани 208 смртни случаи од Ковид-19. Бројките и натаму се зголемуваат, а од почетокот на годинава според податоците на министерството за здравство починале вкупно 3 454 лица како последица од коронавирусот.

Според информациите кои ги пренесоа дел од македонските електронски медиуми, Македонија се наоѓа на 4-то место во Европа по стапката на смртност на 1 милион жители. Ова се податоци превземени од сајтот „Ворлдметер“, а пред нас се Гибралтар, Босна и Херцеговина и Унгарија. Во светски рамки Македонија е на петто место, а највисока стапка на смртност во светот има Перу.

Најчеста причина за смртта и минатата година се кардиоваскуларните болести со 41,6 отсто, потоа се неоплазмите со 15,2 отсто а на трето место е коронавирусот кој е причина за смртта кај 11 отсто од починатите минатата година.

Во 2019 година, според статистика, починале 20.446 граѓани. Најмногу смртни случаи се регистрирани во јануари – 2.027.  Повторно кај повеќе од половина од починатите причина за смртта се болести на кардиоваскуларниот систем. Потоа следуваат тумори со 18,6 отсто и метаболичните болести до 4,6 отсто.